Нормак Инвестмент груп и официјално е конзорциумот што ќе стопанисува и менаџира со слободната економска зона во Тетово. По добиеното позитивно мислење на Државната комисија за спречување на корупција донесена е одлука и од страна на Управниот одбор на Дирекцијата на Технолошко индустриски развојни зони (ДТИРЗ) со што се официјализираше најдобрата тендерска понуда за стопанисување со зоната. Нормак Инвестмент Груп е конзорциум кој се состои од пет компании од кои четири се бизнис асоцијации и компании кои се инвестициски фондови во Норвешка и една американска компанија која се занимава со недвижнини во индустрискиот сектор.
Нормак Инвестмент груп и официјално е конзорциумот што ќе стопанисува и менаџира со слободната економска зона во Тетово.
Како што објасни министерот за економија Ваљон Сараќини, по добиеното позитивно мислење на Државната комисија за спречување на корупција донесена е одлука и од страна на Управниот одбор на Дирекцијата на Технолошко индустриски развојни зони (ДТИРЗ) со што се официјализираше најдобрата тендерска понуда за стопанисување со зоната. Нормак Инвестмент Груп е конзорциум кој се состои од пет компании од кои четири се бизнис асоцијации и компании кои се инвестициски фондови во Норвешка и една американска компанија која се занимава со недвижнини во индустрискиот сектор.
- Одлуката ќе биде објавена во Службен весник, а во рок од 30 дена директорот на ТИРЗ и Нормак ќе го потпишат договорот за јавно приватно партнерство. Според понудениот бизнис-план, Нормак се обврзува во првите три години да изгради 40% од зоната, во наредните две години, односно првите пет години да се изгради до 70% од зоната, а за седум години да ги реализира планираните активности во целост. Минималната капитална инвестиција е седум милиони евра, а предвидените дополнителни вложувања треба да достигнат 150 милиони евра - посочи Сараќини
Зоната е од особено значење не само за развој на полошкиот регион, туку и за македонската економија воопшто, бидејќи ќе овозможи не само отворање работни места, туку и влез на нови технологии. Сараќини информира дека Нормак има потпишано пет до седум договори со компании кои се подготвени да инвестираат во зоната. Тој потсети дека норвешката компанија има богато искуство со повеќе од 100 индустриски паркови, но и распространета бизнис-мрежа.
- Доколку не се испочитува бизнис-планот постојат казнени одредби. Ако во првите седум години не се инвестириаат тие 7 милиони евра или другите дополнителни инвестиции од 150 милиони, тогаш концесионерот за секој ден задоцнување има обврска да и плаќа на државата по една просечна плата во РМ во наредните 60 дена. Но, ако и потоа не се исполнат условите од договорот ќе се активира банкарската гаранција и тогаш државата со овие пари ќе може сама да оперира во зоната - објасни Сараќини.
Виктор Мизо, директор на ДТИРЗ, вели дека тетовската е прва зона во земјава која ќе функционира со јавно-приватно партнерство.
- Додека тече рокот од 30 дена во Службен весник, норвешкиот конзорциумот треба да формира компанија во РМ која треба да има основна главнина не помала од 50.000 евра - вели Мизо и посочува дека државата е задолжена да ја гради надворешната инфраструктура за да има поврзување на зоната со автопатот. Според него, потенцијалот на зоната е за компании коишто имаат побарување на поголем број на работна сила, но и за технолошки развиени компании, бидејќи треба да се земе предвид близината на двата универзитети: скопскиот и тетовскиот каде се едуцира стручниот кадар. Мизо сепак смета дека автомобилските компании треба да се земат предвид како можни инвеститори, бидејќи во моментов токму овој сектор има најголем интерес да се шири.
Што се однесува за решавањето на имотните спорови за земјиштето коешто е влезено во зоната, за 120 дена од потпишување на договорот тие треба да бидат решени. Слободната економска зона во Тетово се простира на површина од 94 хектари и во неа во првата фаза е планирано да се изградат 25 до 30 индустриски објекти во кои се предвидува да се отворат близу 7.000 работни места.
Мизо потсети дека во моментов во земјава функционални се зоните Скопје 1, Скопје 2 и Штип, а само во зоната Скопје 1 работат пет компании. Две од овие компании се најголеми извозници од земјава, а заради извозот на Џонсон Мети, Македонија е една од ретките земји во светот што има трговски суфицит со Германија.